На новиот кружен тек на Булеварот „Партизанска”, каде беа отстранети дивоизградени објекти, во тек се градежни работи за поставување на челичен крст, кој со одлука на Советот на општината Штип на 26 јуни, доби дозвола да биде поставен како спомен-обележје.
Крстот, како што стои во Одлуката е „спомен обележје во чест на симболот на православието и христијанската вера”, е изработен од челична конструкција со димензии: 9 м широчина и височина од 20 метри. Донација е на тројца бизнисмени од Штип.
„Челичниот крст ќе биде поставен на постамент (од цементна основа обложена со декоративни плочки). Бетонската подлога – постамент на која ќе биде поставен челичниот крст ќе биде во средиштето на кружниот тек со димензии соодветни и пропорционални на конструкцијата на Крстот. Истиот ќе биде соодветно осветлен”, пишува во одлуката.
Најавата за поставување на крстот предизвика различни реакции во штипската јавност. Еден голем крст веќе речиси две децении е поставен на Исарот, познатата градска тврдина, каде со 1,6 милиони евра, пари од унгарскиот кредит ќе се реконструира. И овој крст е донација на бизнисмен.
Новиот, 20-метарски крст е донација од штипските бизнисмени Марјан Јовчевски, Кристијан Колев и Трајче Димитров. Јовчевски ја има фирмата за текстилни материјали – „Јофа текс”, Димитров – „ИСКОП” ДООЕЛ, градежна компанија која главно е ангажирана во изведување на примарни градежни активности, додека Колев, сопственик на „Нова енерџи”, а работи и во градежништвото.
Тројцата заедно се сопственици на компанијата КТМ Енерџи Солушн, која за само две години од работењето се најде во Топ 5 енергетски компании по остварени добивки и од 250.000 евра добивка во 2022 направи скок на заработка од 2,4 милиони евра во 2023 година.
Оваа компанија се занимава со поставување на фотоволтаични централи и производство на енергија.
В.К.
фото: ФБ Миле Кокотов