Дури 18 отсто од заработката на банките во Македонија им доаѓа од надоместоците кои ги наплаќаат од граѓаните и компаниите. Апсурдот е дека дел од услугите за кои кај наплаќаат, во ЕУ, каде работат овие банки, не земаат ни денар. Поради тоа, новиот гувернер на Народна банка на РСМ, Трајко Славески, на денешниот состанок со банкарите им порача дека е ред да се откажат од некои од надоместоците, а други да намалат. Она за што граѓаните најмногу реагираа, наплатата за болно банкарство, смета Славески, граѓаните на ЕУ го добиваат бесплатно, а така треба да биде и за македонските корисници.
– Надоместоците за користење на електронско и мобилно банкарство, во услови кога се наплатуваат надоместоци за одржување на платежна сметка, претставуваат дополнителен трошок кој би требало да се укине имајќи предвид дека оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ, а дел од нив не наплатуваат вакви надоместоци ни од компаниите. Надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката треба да се укинат имајќи предвид дека за нивно извршување не е потребно користење на платни системи кои создаваат трошоци за банките, а оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ, рече гувернерот.
Славески предлага намалување на надоместоците за одржување на платежна сметка за компаниите – иако се на слично ниво како кај матичните банки од ЕУ, сепак претставуваат висок трошок, посебно за малите и средните компании во земјата. Треба значително да се намалат и надоместоците за меѓубанкарските плаќања во домашната валута кои се извршуваат преку платните системи КИБС и МИПС, како што појасни гувернерот, имајќи предвид дека ваквата услуга кај матичните банки од ЕУ за плаќањата во евра како национална валута во СЕПА е бесплатна или по многу ниски надоместоци за граѓаните, најмногу до 1 евро.
-Исто така треба да се намалат и поедностават надоместоците за подигнувањето готовина на туѓи банкомати во земјата и странство кои кај некои баки се и во вид на процент од износот следејќи го моделот на поставеност кај матичните банки од ЕУ кои применуваат пониски и фиксни надоместоци по трансакција, рече Славески. При тоа тој го цитираше Пол Вокер, кој рекол дека банкоматите (АТМ) се најголемото откритие во банкарството.
Гуверенерот очекува да се намалат и надоместоците за прифаќање картички на продажни места кај трговците кои банките ги наплатуваат од трговците. Треба да се намалат имајќи предвид дека меѓубанкарските провизии се ограничени со Законот за платежни услуги и платни системи и се сведени на нивоата во ЕУ.
– Во таа насока, Народната банка активно работи на создавање предуслови за намалување на трошоците за платежните услуги. Денес доаѓаме со понуда до банките Народна банка да го направи првиот чекор со намалување на надоместоците што банките ги плаќаат за користење на услугите во МИПС, како што се надоместоците поврзани со долговниот промет. Очекуваме и банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво, порача Славески.
Како што укажа, во 21 век пристапот до платежни услуги не е привилегија, туку основна потреба и предуслов за економско учество и социјална интеграција.
ММС/МИА