Пораки со поддршка од бугарските власти во Софија и со зборовите дека „Бугарија стои зад него“ доби Љубчо Георгиевски од Битола, чие здружение „Културен клуб Иван Михајлов“, беше избришано од Централниот регистар на Македонија откако Министерството за правда не издаде решение со кое може да се користи името на Ванчо Михајлов. Беше побарана промена на името за здружението да биде регистрирано, но основачите одбиа.
Претседателот Румен Радев на средбата со Георгиевски за Македонија рече дека „земја-кандидат за ЕУ која гласно рекламира дека ги исполнила критериумите не може да спроведува правни гонења врз етничка основа“.
„Очекувам континуирана работа со идните партнери од ЕУ, НАТО, Советот на Европа и други меѓународни институции за да се расветли и спречи манипулацијата и дискриминацијата врз Бугарите во РСМ и врз Бугарија. Очекувам ова прашање да не избега од вниманието на бугарските институции и политичари“, изјави Румен Радев, пренесе БГНЕС.
Претходно Љубчо Георгиевски имаше средба со министерот за надворешни работи, Георг Георгиев, кој пресудата условна казна од една година со пробен период од две години ја оценува како „политички мотивирана“. Битолскиот Основен суд го осуди Георгиевски за кривични дела поврзани со предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.
„Политички мотивираните судења што ги користат државните институции и судовите за репресија на луѓето што се идентификуваат како Бугари и го бранат својот идентитет се апсолутно неприфатливи во земја што тврди дека е европска“, рече Георг Георгиев на средбата.
Георгиевски најави дека ќе ја тужи македонската држава пред Судот за човекови права во Стразбур.
Фотографија: БГНЕС